Реакција на синдикалната организација во врска со процесот за доброволно раскинување на договорот за вработување
22.11.2007До вработените во АД МТ
Предмет: Известување во врска со продолжување на процесот на намалување на бројот на вработени врз доброволна основа
Почитувани,
Во врска со спроведување на процесот на намалување на вработените во компанијата на доброволен основ, чиј што рок се продолжува до 14 декември 2007 година врз основа на Одлука на Одборот на Директори на МТ од 20.11.2007 година, а чие што продолжување е објавено на Информаторот на МТ на ден 22.11.2007 година, би сакал во име на Синдикалната организација на АД МТ, а во функција на Ваше информирање, да Ве запознам со следното:
1. Програмата за доброволно заминување од компанијата со исклучително "дарежлива и поволна понуда", која што започна во месец октомври 2007 година и која сега продолжува до 14 декември 2007 година, за истата во ниту еден свој дел не е разговарано ни усогласено со Синдикалната организација на МТ.
2. Во однос на оваа и секоја идна Програма од ваков вид, стоиме на став дека за истата е потребно претходно синдикатот и менаџментот на компанијата да постигнат заедничка согласност низ форма на социјален дијалог за решение кое би било прифатливо за двете страни. Ова е основниот принцип на функционирање и градење на партнерски односи помеѓу синдикатот и менаџментот, што во случајот не е испочитувано и резултатот од нејзиното спроведување е далеку под очекувањата.
3. Синдикатот има јасно поставена стратегија во однос на овие процеси и неможе во никој случај да даде "бланко" согласност за нешто во што не учествувал од самиот почеток. Тоа би било несериозно и неодговорно према вработените од наша страна, а такво нешто во изминатиот период како и во иднина нема да си дозволиме.
4. Нашиот основен принцип во спроведување на вакви процеси на намалување на вработени е дека, мора да постои критериум за утврдување на висината на отпремнината при што сметаме дека годините стаж во Компанијата претставува најдобар и најобјективен критериум за тоа. Ова беше предложено од наша страна како основен принцип и на постојната Програма со спремност да заеднички го направиме моделот на утврдување на висината на отпремнините, меѓутоа, за жал менаџментот не изрази спремност овој процес да го хармонизира со синдикатот, од кои причини за нас останува нејасно.
5. Исто така сметаме дека, во спроведувањето на ваквите процеси на намалување на вработените, вработените и синдикатот во компанијата заслужуваат ист однос и третман од страна на менаџментот на компанијата каков што имаат вработените во компаниите што директно или индиректно ги раководат Дојче Телеком и Маџар Телеком. Ова значи почитување на партнерскиот однос и примена на социјалниот дијалог за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение. Секој друг пристап, што во нашата компанија стана правило, претставува воведување на принципот на нееднаков статус како на вработените така и на синдикатот и не води кон градење на партнерски односи.
6. Што се однесува до ставот во програмата дека:" Доколку оваа програма не го постигне планираното намалување на бројот на вработени, Компанијата ќе ги преземе законските мерки за намалување на бројот на вработени. Важно е да се напомене дека Законот за работни односи предвидува значително помали суми за испратнина од понудената во Програмата во МТ." сметаме дека истиот претставува диретен притисок и закана до вработените што во спроведување на вакви процеси е апсолутно недозволиво и истиот се коси со основниот принцип на ДОБРОВОЛНОСТ во програмата, односно правото на самостојно одлучување за прифаќање или не на понудените услови во истата од страна на работникот.
Синдикатот најостро го осудува ваквиот пристап и сметаме дека истиот не овозмижува состојбите во однос на ова прашање да се движат во позитивна насока.
За таа цел Синдикатот за ден 26.11.2007 година закажа вонредна седница на која ќе се разгледува актуелната состојба во однос на процесот на намалување на вработените , како и донесување на одлука за наредните активности во однос на ова прашање.
Со почит,
Синдикална Организација АД МТ
Главен Повереник
Јордан Сандев