внесете ја Вашата email адреса и ќе добивате известувања за најновите активности и новости

helen doron Посетете не:
Хелен Дорон English - Кисела вода

Писмо до министерот за финансии г-дин Никола Поповски

08.04.2004

Почитуван Господине Поповски

Со писмо број 25/2 од 25.02.2004 година, Ве потсетивме на обврската на Владата на Република Македонија за спроведување на Одлуката на Владата на Република Македонија за доделување на акции на вработените на Македонски телекомуникации-АД Скопје. Бидејќи до денеска не ни одговоривте на нашето писмо, а требаше да не известите за Вашите намери и активности по ова прашање, ќе Ве потсетиме уште еднаш на нашето барање со надеж дека за Вас вработените се битен партнер во МТ.

Во оваа прилика сакаме да Ви укажеме за написот во ,,Нова Македонија,, по ова прашање во кое се изнесени и ставови на извори од Вашето министерство. Имено во весникот ,,Нова Македонија,, број 20139 од 18.03.2004 година, е објавен напис во врска со нашето барање за спроведување на Одлуката на Владата на Република Македонија за доделување на акции на вработените на АД Македонски телекомуникации. Покрај останатото во написот се вели, цитираме:

,, Од Министерството за финансии пак, истакнуваат дека актуелната Влада нема донесено одлука за давање на два отсто од акциите на Телеком на вработените. Таква одлука, велат, има донесено поранешната Влада на Љубчо Георгиевски во последните 30-тина дена од мандатот. Но, не ја реализирала , ниту пак превзеле други дејствија што требало да се извршат. Оттука , оваа Влада не размислувала за тој проблем, ниту донела одлука да се отстапат тие два отсто на вработените,, .

Исто така во весникот ,,Дневник,, од 06.04.2004 година, информација дадена од страна на Министерството за финансии, цитираме:

,,Одлуката се коси со Законот за спречување на корупцијата, според кој додека трае предизборната кампања се забранува, меѓу другото и, оттуѓување на државен имот-велат во Министерството за финансии,,.

Цитираните ставови, кои не беа демантирани од Министерството за финансии, внесе дополнителен немир меѓу вработените односно нашите синдикални членови.

Во врска со предметното прашање, и доколку цитираните ставови се засновани на став на одредени службеници од Вашето министерство, Синдикалната организација на АД Македонски телекомуникации сака да Ви укаже на следното:

1. Сметаме дека цитираните изјави во весниците Нова Македонија и Дневник не може да биде Ваш личен став имајќи ја предвид Вашата определба за правната држава. Имено, познато е дека во секоја правна држава Владата е институција која носи легитимни одлуки од своја надлежност. Во случајот Одлуката на Владата на Република Македонија за доделување на 2% акции од капиталот на МТ на вработените е донесена врз основа на Акционерскиот договор склучен помеѓу Република Македонија и стратешкиот партнер МАТАВ. Според тоа овде не се работи за политичката определеност на актуелниот носител на извршната власт. Според поимот за правна држава ирелевантно е прашањето за актуелниот носител на власта. Секоја нова влада во континуитет ги спроведува превземените обврски на Република Македонија, поготово кога се врз основа на меѓународен договор како што е овој случај. Оттука, имајќи ја во предвид надлежноста на Министерството за финансии, сметаме дека Вие како актуелен министер за финансии сте непосредно одговорен за спроведување на Одлуката на Владата на Република Македонија за доделување на 2% на акции на вработените на АД Македонски телекомуникации. Исто така, треба да обезбедите и механизам за враќање на дивидената на вработените за 2002 и 2003 година во висина од 2% која Владата ја има неосновано присвоена.

2. Доколку во најскоро време не превземете позитивни активности за решавање на предметното прашање ќе бидеме приморани да ја известиме релевантната домашна и меѓународна јавност, а согласно Законот да ги спроведеме сите активности за остварување на правата на вработените како акционери.

3.
Во очекување на Ваша соработка за решавање на предметното прашање останете Со почит.
Синдикална организација на АД Македонски Телекомуникации Претседател, Јордан Сандев

Копија до

Г-дин Таки Фити Претседател на Акционерско собрание на АД МТ

Професор Г-дин Борче Давитковски Претседател на Одборот на директори на АД МТ
Г-дин Ференц Шомоги Главен извршен директор на ,,Камени мост,, на АД МТ

Корисни линкови