Писмо до премиерот на република македонија
25.02.2004Синдикалната Организација на АД Македонски телекомуникации упати писмо до Премиерот на Република Македонија Г-дин Бранко Црвенковски во врска со прашањето за 2% акции за вработените. Писмото го пренесуваме во целост.
ДО
Претседател на Влада на Република Македонија
Г-дин Бранко Црвенковски
Согласно Акционерскиот договор склучен помеѓу:
Република Македонија и Стратешкиот партнер ,,
МАТАВ,, за продажба на АД,, Македонски телекомуникации,, во кој е утврдено (точка 7.3 (ц) дека:
Стратешкиот партнер потврдува дека РМ, после затворањето, ќе понуди Акции кои што ги поседува истата или ентитет под контрола на државата и кои што сочинуваат приближно 2% (два проценти) од издадените обични акции на МТ на вработените во МТ. Роковите и условите на понудата, вклучувајќи го и, без ограничување, временскиот распоред на понудата, продажната цена и роковите за плаќање, ќе бидат определени во програмата за учество на вработените (,,Програма за учество на вработените,,), која што програма ќе биде изработена од страна на РМ во консултација со Стратешкиот партнер. Стратешкиот партнер треба да ги превземе, и да се погрижи, и МТ да се погрижи да ги превземат, сите дејствија кои што РМ бара да бидат превземени во врска со воспоставувањето и реализирањето на ,,Програмата за учество на вработените,, .
На 27 Август 2002 година, Владата на Република Македонија донесе Одлука (Бр.23-4459/1) за доделување акции на вработените во Македонски телекомуникации-АД-Скопје.
За спроведување на Одлуката задолжени се Министерството за финансии и Македонски телекомуникации- АД -Скопје (Писмо Бр.23-4459/1 од 27.08.2002 година).
Одлуката за доделување на акции на вработените до денеска не е спроведена иако поминаа скоро 18 месеци од нејзиното донесување.
Во меѓувреме, 2002 и 2003 година, Владата на Република Македонија и Стратешкиот партнер ја имаат поделено дивидентата за овие години.
Со други зборови дивидендата од околу 2%, која според предметната Одлука им припаѓа на вработените ја има присвоено Владата на Република Македонија.
Во интерес на вработените , Синдикалната организација на АД Македонски телекомуникации,
бара најитно да се спроведе Одлуката на Владата на Република Македонија за доделување на акции на вработените и повраќај на дивидендата на вработените за 2002 и 2003 година.
Со ова сакаме да укажеме на важноста на спроведување на оваа Одлука, со што ќе се намали незадоволството на вработените од индолентниот однос на Владата по ова прашање, а со цел да се заштитат правата на вработените како акционери на компанијата.
Ја користиме оваа прилика да укажеме на незадоволството на вработените на МТ од акционерот РМ, кој едноставно ги аминува деловните планови на МТ со кои се предвидува отпуштање на околу 800 работници.
Се стекнува мислење помеѓу вработените како Владата на Република Македонија да е исклучиво заинтересирана за дивидендата, а не и за судбината на вработените кои според одлуката за донесување на деловниот план на МТ , овие 800 работници практично ќе станат социјални случаеви и како такви ќе бидат пред се на терет на државата која има 47% удел во капиталот на оваа профитабилна компанија.
Ваквниот индолентен однос на Владата за заштита на своите права кои произлегуваат од Акционерскиот договор и другите купо-продажни договори, посебно зачудува ако се има предвид дека МТ остварува огромен профит од околу 100 милиони Евра годишно, а платите на вработените учествуваат не повеќе од 10% во структурата на приходот на компанијата.
Имајќи го ова предвид зачудува тезата дека, стратешкиот партнер технолошкиот вишок го најавува како приспособување на компанијата во услови на работење на идниот либерализиран пазар. Па према тоа сметаме, според наше сознание, МТ ќе има доминантно учество во телекомуникацискиот пазар на Република Македонија. Се надеваме дека Владата на Република Македонија ќе ги има предвид овие добронамерни укажувања на Синдикалната организација на МТ , и тргнувајќи од сознанието дека вработените на МТ го дадоа својот материјален и стручен потенцијал за подигнување на МТ на сегашното техничко-технолошко ниво ќе превземе мерки и активности за спроведување на Одлуката за доделување на акции на вработените и за заштита на нивните акционерски права.
Синдикална организација на
АД Македонски Телекомуникации
Претседател,
Јордан Сандев