внесете ја Вашата email адреса и ќе добивате известувања за најновите активности и новости

helen doron Посетете не:
Хелен Дорон English - Кисела вода

Со штрајк против нови откази во телеком

20.12.2003

Синдикатот на "Македонски телекомуникации" не ја исклучува можноста да организира генерален штрајк ако се отпуштат вработени во согласност со одлуката од деловниот план за идната година. Оваа реакција на синдикатот следува по најавата дека ќе се намали бројот на вработените, за компанијата да се подготви за претстојната конкуренција во фиксната телефонија. Синдикалците бараат од Владата што поскоро да им ги подели на вработените 2 отсто од државните акции.

- Во согласност со колективниот договор, одборот на директорите може да донесе одлука за отпуштање вработени само со согласност на синдикатот. Наш став е дека ниту еден вработен во телекомот не смее да биде отпуштен. Имаше обиди од раководството на телекомот да се урне синдикалниот одбор и во него да се постават членови што ќе може да ги контролираат. Ако компанијата има намера да го намали бројот на вработените, треба да се најде начин што ќе биде поволен за вработените. Ние сме спремни за компромис - рече вчера Јордан Сандев, синдикален повереник во телекомот.

Со деловниот план е предвидено 318 лица од несуштинските дејности, угостителството, обезбедувањето, одржувањето возен парк, да преминат во други фирми што би му ги давале истите услуги на телекомот. За технолошки вишок би биле прогласени 500 вработени од сите служби и раководниот тим. Синдикалците се сомневаат дека 9 милиони евра одвоени за вработените што ќе бидат отпуштени ќе се искористат само за отпремнини.

- Можно е поголем дел од овие пари да биде потрошен за најавените курсеви и преобука на вработените што би ги организирале унгарски фирми - вели Сандев.

Синдикалниот одбор го предупредува раководството на телекомот да не дели откази без да ги консултира. Синдикатот решил да ги замрзне сите активности во преговорите за да се префрлуваат вработени во други фирми се додека не се исполнат обврските од колективниот договор.

- Најпрво треба да се потпишат анексите на договорот со кој се утврдуваат бенефициите за вработените. Со нив се регулираат социјални права - доделување станбени кредити, пари за одмор, за привилегирани телефонски услуги, за спортски активности и друго - вели Сандев.

Синдикалците сметаат дека намерно се кочи распределбата на 2 отсто од државните акции на вработените.

- Министерот за финансии Никола Поповски добил налог да ја изврши одлуката што ја донесе претходната влада. Вработените досега требаше да ги добијат акциите. Имаме сознанија дека има обид да се редефинираат критериумите за распределба. Тоа е неприфатливо. Веројатно некој има намера акциите да не бидат дадени и во 2004 година. Така вработените ќе бидат исклучени од поделбата на дивидендата за идната година - вели Сандев.

М.Б.  Редакција „Дневник“

Корисни линкови