Без согласност на синдикатот нема "прекубројни"
20.01.2003Доколку работодавецот сака да се "ослободи" од вишокот вработени, согласно колективниот договор во "МТ", мора со Синдикатот да се договори за бројот на работници и да изготви Програма за нивно обезбедување. Засега нема официјални најави за такво нешто.
Изминативе денови во јавноста одекна веста дека во Телeкомот се подготвуваат списоци за прогласување технолошки вишок. Во медиумите се манипулира со бројка од околу 800 "прекубројни" работници кои треба да ја напуштат фирмата. За тоа што навистина се случува во нашата најуспешна Компанија, разговараме со Јордан Сандев, претседател на Синдикатот во АД "Македонски телекомуникации".
- "Иако прашањето е доста експлоатирано во медиумите, веднаш да кажам дека нам, како Синдикат, не ни е познато од каде се тие информации и да не кажам шпекулации, бидејќи целата таа работа во рамките на Телекомот не е официјална. Што значи, не станува збор за нешто што е официјализирано како намера од страна на работодавецот, бидејќи во таков случај, тоа би значело директно вклучување на Синдикатот во тој процес - вели Сандев.
- Колективниот договор на ниво на Компанијата во тој поглед има утврдено одредена процедура, според која, без наша согласност таквата постапка не може да се спроведе. Во КД Синдикатот по тоа прашање се има доста добро позиционирано, во смисла дека во никој случај Синдикатот не може да биде тргнат настрана по ова прашање. Јасно е дека одлучувањето за технолошки вишок е во рамките на Бордот на директори. Меѓутоа, пред донесувањето на таква одлука, Бордот мора да ги почитува двете обврзувачки клаузули од КД, мора да договори две клучни работи со Синдикатот - да ја утврди бројката на работници што би биле прогласени како вишок и, второ, да изготви Програма за материјално обезбедување на тие работници.
Само откако овие две работи претходно ќе се договорат со Синдикатот, Бордот може да донесе таква одлука.Ние како Синдикат сме подготвени да разговараме за ова прашање, но потенцирам, засега официјално тоа не е отворено и официјализирано од другата страна.
Но, меѓу вработените постои голема вознемиреност, бидејќи во реализацијата на огласот со кој се нудеше добороволно раскинување на работниот однос со финансиска бенефиција од 16 плати, имаше појави кои беа далеку од почитување на принципот на доброволност.
- Тој оглас, или "Кампањата 16 плати", како што ја нарековме ние во Синдикатот, беше објавен на 25. октомври, истиот ден кога Одборот на Синдикатот имаше седница со главниот директор на Компанијата. Во него работодавецот се повикува на член 103 од КД, во кој ние утврдивме можност работодавецот на работникот, да му понуди доброволно раскинување на работниот однос, со одредена бенефиција, значи со спогодба. По тој основ, ние како Синдикат немаме никаква забелешка, бидејќи прашање на личен избор на секој работник е дали ќе го прифати тоа или не. На седницата на Одборот на Синдикатот по ова прашање зазедовме став дека акцијата ќе ја сметаме за валидна, само ако се спроведува на доброволна основа. Меѓутоа, добивме педесетина писмени обраќања од работници кои биле повикани на разговор, без воопшто сами да се пријават, односно, не им е јасно кој воопшто ги ставил на список, што зборува дека во праксата имало поинаква компонента од доброволноста. Очигледно е дека понудата не им одговараше на поголемиот број вработени во Телекомот, бидејќи според наши информации, на огласот се имаат јавено помалку од 30 работници, што во една Компанија од 3.500 вработени, според наша оценка не може да се смета за успех. Доколку, пак, работодавецот е задоволен со оваа бројка, ние го оставаме уште да ужива во успехот. Иако сметаме дека доколку и Синдикатот беше ако не вклучен, барем запознаен, и ако акцијата беше поинаку концепциски обмислена и водена, и резултатите ќе беа многу поголеми.
Ова конкретно значи дека Синдикатот ќе застане во одбрана на правата и интересите на вработените?
- Апсолутно. Работодавецот не може да презема активности во тој правец, доколку работникот сам не изрази подготвеност да ја прифати понудата. Оттаму, без потреба се создаде непријатно чувство кај вработените дека некој, без утврдени и дефинирани критериуми, ги класифицира и ги става на список за напуштање на фирмата. Принципот на доброволност според нас значи процедура - временскиот рок за доброволно пријавување требаше да истече и после тоа, како втора фаза, тие што се доброволно пријавени, да бидат викани на разговор. Но, не чекајќи да помине рокот, работниците беа повикувани по критериуми познати само на оној што беше креатор на целата работа, односно работодавецот.
Дали овие активности значат директно непочитување на Колективниот договор на Компанијата, што е потпишан во март годинава?
- Не се работи за директно непочитување на КД, бидејќи ние таа можност ја утврдивме во КД и во тој контекст целата акција беше замислена. Меѓутоа, требаше од морален аспект, а и како партнер во колективното договарање, да бидеме, ако не вклучени во активностите, тогаш барем информирани. Уште повеќе, што ние како Синдикат сме подготвени да дадеме квалитетен придонес за нешто што во крајна линија има заедничка цел - излегување во пресрет и на она што сака работодавецот да го направи и на интересот на работниците.
Колку во Компанијата се почитуваат рамноправните партнерски односи утврдени во КД?
- КД е единствениот акт кој на ниво на Компанија ги регулира прашањата во врска со правата, обврските и одговорностите на работниците од работен однос и обврските на работодавецот. Бидејќи тој е уставна и законска категорија, а кај нас и статутарна, значи се применува директно и непосредно. Значи, по прашањата од работен однос, работодавецот не може да донесува свои автономни акти надвор од КД. За нас нема дилема дали тој треба да се почитува, а за другата страна дали има дилема, не би знаел. Од друга страна, успех или основна поента за секој синдикат е да направи КД со работодавецот, при што, договарањето и усогласувањето е веќе прашање на успешност во водењето на преговорите. Ако Синдикатот потпишал добар КД, значи завршил добра работа како организација која ги застапува интересите на вработените.
Дали ова значи дека кај вработените во Телеком не треба да постои стравување за нивните работни места?
- Ако се мисли за експресното отпуштање на 500, 800 работници, можам да кажам дека, таква нешто, согласно и постојната регулатива во РМ е невозможно да се направи преку ноќ. Без разлика во каква политичко-економска состојба се наоѓа државата, сепак, има регулатива што е валидна и што мора да ја почитуваме. Судот тоа многу добро го знае. Оттаму, влегувањето во ваков крупен процес, што се вика прекуноќ, за мене лично е влегување во една "авантура" од страна на работодавецот со несогледливи последици. Да нема недоразбирање - Синдикатот не е против процесите од ваков тип во Компанијата, зошто сме свесни дека кризата во телеком секторот во светот ќе се одразуваат и на бројот и статусот на вработените и кај нас. Ние само ги спориме начините како се замислени да се спроведуваат.
Како Синдикат сме подготвени за изнаоѓање прифатливи решенија за двете страни, што е и основа на постоење вистински партнерски односи на страните во колективното преговарање. Синдикатот е заинтерсиран процесите во Компанијата да бидат квалитетни и обмислени и стручно да се водат, зошто во крајна линија, тоа ќе значи и успешно работење на фирмата и можност за поквалитетно остварување на правата дефинирани во КД.
Кај вработените не треба да постои страв, бидејќи ако некој навистина влезе во таква авантура, нам не ни преостанува ништо друго освен да влеземе во постапка на заштита на правата и интересите на вработените, со сите расположиви средства, утврдени со закон и КД. Тие треба да водат грижа за квалитетно и навремено извршување на обвсрките на работното место на кое се распоредни, бидејќи во поглед на заштитата на правата на вработените (овде не мислам на технолошки вишок), таа почнува од самиот работник. Во таков случај нема опасност работникот да биде доведен на индивидуално дејство од страна на работодавецот заради тоа што не си ги извршувал своите работни задачи. Што се однесува, пак, до евентуален технолошки вишок, тоа е веќе прашање на заштита од страна на Синдикатот, дефинирана во КД и тука веќе нема дилема дали Синдикатот ќе застане во одбрана на интересите на вработените. Прашање е само на кој начин ќе ги води активностите во поглед на заштитата.
Текстот е пренесен од гласилото на ССМ „Синдикален живот“