Отворено писмо до Атила Сендреи главен извршен директор на "МТ"
20.01.2003ПРЕДМЕТ: Одговор на Вашата информација бр. 50723/1 од 29.10.2002 година
Почитуван господине Сендреи,
Ве известувам дека Синдикалната организација на МТ на ден 01.11.2002 година (петок) одржа седница на која се разгледуваа следните прашања:
1.Вашиот допис бр. 50723/1 од 29.10.2002 година и
2.Состојбата во Компанијата предизвикана со активноста "Атрактивна финансиска бенефиција" отпочната на ден 25.10.2002 година и намалување на бројот на вработени (ставовите се во Прилог - Информацијата)
Во врска со ова Одборот на Синдикалната организација на МТ донесе одредени ставови кои се предмет на овој допис. Искрено веруваме дека истите сериозно ќе бидат разгледани од Ваша страна што би бил добар почеток за воспоставување и градење на вистински партнерски односи на рамноправна основа со меѓусебно почитување и респект, а во функција на остварувањето на целите и интересите како на вработените, така и на Компанијата.
На почетокот би сакал да го изнесам генералниот став на Одборот на Синдикатот во однос на начинот на поставената комуникација од Ваша страна во однос на НАС. Имено, за нас како орган на Синдикатот е нејасно дали Вие комуницирате со органот или со членовите на органот, бидејќи постои голема разлика во тој поглед.
Сметаме дека "исклучокот" од 25.10.2002 година во начинот на повикувањето на членовите на Одборот на Синдикатот кој беше сфатен и прифатен во функција на Ваше запознавање со нас, во никој случај не треба да стане "правило", бидејќи, не би можело да се сфати и прифати како правилен начин на комуникација во градењето на вистинските партнерски односи.
Во однос на ова, ставот на Одборот е дека комуникацијата треба да се одвива на ниво на функцијата претседател на Синдикатот, при што согласно синдикалните правила и акти, претседателот на Синдикатот е тој што ги запознава и информира членовите на Одборот на Синдикатот за сите релевантни прашања.
Во овој Одговор ќе биде запазен истиот редослед како во доставениот допис од Ваша страна.
1.Во врска со точка 1. од Вашата информација сакаме да потенцираме одредни работи од причина што сметаме дека од страна на HR сте погрешно или нецелосно запознаени. Имено:
- Не станува збор за Нацрт верзија на Правилникот за условите и начинот на распределба на променливиот додаток на плата (варијабилен дел од плата) и Спогодбата за измена на КД, туку за Работен материјал изготвен од наведената Комисија која патем беше формирана на 4.09.2002 година, после тримесечно наше предлагање тоа да се направи.
- На 02.10.2002 година работната група не донесе финално усогласен материјал, туку работен материјал кој беше доставен до Одборот на Синдикатот и работодавецот (МЦ), меѓутоа не на одобрување, туку на разгледување.
- Во однос на претходно потенцираните термини постои суштинска разлика, а од правен аспект подразбира и соодветна постапка која мора да се запази како би се дошло до финално услогласен материјал на документот за усвојување, за што сметаме дека правните експерти од ХР би требало да го знаат, посебно што целата постапка по ова прашање од самиот почеток не е водена согласно одредбите од КД на Компанијата.
- Почитувањето на одредбите од КД не е регулирано со други одредби како што наведувате, туку со Законот за работни односи на Република Македонија. Прашањето е што е причината за неговото непочитување? Во Вашиот допис не е даден конкретен одговор.
- Што се однесува до Вашиот конкретен предлог за основната плата, Синдикатот од него не може релевантно да согледа што се подразбира под поимот Промени и ревизија на делот за основната плата и во кој правец би се одвивале истите, сфатени како концепт. Од тие причини, Одборот на Синдикатот би сакал да добие пошироко објаснување за ова прашање и врз основа на тоа да изгради свој став.
2. Во врска со точка 2 од Вашата информација за прашањето околу неспроведувањето на одредбите од КД, би сакале да го кажеме следното:
1. Во однос на прашањето околу приговорите за распоредувањето на вработените сметаме дека одредени работи за кои што сте информирани, а кои се изнесени во Вашиот допис, апсолутно не одговараат на вистината и подготвени сме да го аргументираме тоа доколку сметате за потребно.
2. Во врска со член 54 од КД - обврската за осигурување на вработените - за нас е сосема јасно зошто до сега не е спроведено, но со оглед на Вашиот предложен рок за затворање на ова прашање да биде 08.11.2002 година го сметаме за прифатливо објаснувањето дека ова не било можно да се регулира досега, заради одредени правила и прописи на Компанијата.
Во врска со двата случаи од Струмица, ставот на Одборот на Синдикатот е дека пронаоѓањето на адекватно финансиско решение од страна на Компанијата треба да биде во правец на итно вработување на по еден член од семејствата на починатите работници, што би значело трајно финансиско решение -егзистенција за нив. Притоа, посочуваме дека ваков случај имаме и во Прилеп, за кој е известен и HR. Меѓутоа, во никој случај не би можеле да се согласиме со Вашиот информатор кој Ве информирал околу моменталната егзистенцијална состојба на семејствата на починатите работници од причина што оној кој го доживеал тоа најдобро си ја знае својата состојба и како го доживува товарот на ваквата загуба. А од човечки и хуман аспект и почит кон семејствата на загинатите работници, сметаме дека натамошен коментар за ова е непотребен.
3. Во врска со спроведувањето на член 81 од КД - во делот на прекувремената работа и работа во три смени - сметаме дека образложението не одговара на моменталната состојба од причини што во Компанијата има одработени прекувремени часови, а писмено неодобрени за исплата. Прашањето е зошто не се и кој тоа не ги одобрува. Сметаме дека тоа би требало да биде главната поента на Одговорот.
Околу интерните акти на Компанијата за ова прашање на кои се повикувате во Вашиот допис, би сакале да укажеме дека е нејасно за кои интерни акти се работи. Бидејќи КД е единствен акт кој ги регулира сите прашања од работен однос во Компанијата, покрај Законот за работни односи. Ако се мисли на Процедурата за прекувремена работа, работа ноќе и работа за празник, тогаш се поставува прашањето на валидноста или правната основаност, бидејќи истиот не е донесен согласно член 177 од КД.
Во однос на ова прашање, Синдикатот останува на ставот дека одредбите од член 81 од КД мора да се почитуваат во целост, а оние работници кои по основ на овој член го немаат остварено нова право, обврска на работодавецот е да им овозможи тоа да го остварат. Синдикатот е подготвен неспроведувањето од член 81 од КД и писмено да го аргументира.
4. Во врска со прашањето за испратнини за заминување во пензија и за оние што веќе заминале по стапувањето на Измените на Законот за плати, а врз основа на изнесеното од Ваша страна со предложениот рок за реализација, Одборот на Синдикатот го прифаќа и во овој момент го смета за затворено.
Во врска со јубилејните награди, ставот на Синдикатот останува ист како и за претходното прашање. Меѓутоа, околу формулацијата дадена од Ваша страна дека работодавецот го почитува и исполнува својот дел од обврските веројатно е направена граматичка грешка или грешка во преводот при што е испуштен зборот ќе после зборот работодавецот, бидејќи дадената формулација временски не се совпаѓа со фактичката состојба по ова прашање.
5. Во врска со прашањето за донесување на Прилозите и Правилниците што се составен дел на КД и за кои наведувате одгворноста за нивното недонесување е подеднаква на двете страни - работодавецот и Синдикатот, сметаме дека се прави обид да преку Вас некој ја префрли својста одговорност или ја сподели со нас. А тоа во никој случај не можеме да го прифатиме и тоа од следните причини:
- не е презентиран ниту еден аргумент од Ваша страна од кој би можело да се види како тоа двете договорни страни се подеднакво одговорни за нивното недонесување.
- секој од Правилниците согласно одредбите од КД ги изготвува Комисија, а согласно член 176 од КД истите требаше да се изготват во рок од шест месеци по неговото потпишување. Синдикатот во овој рок ги изготви сите Правилници и Прилози кои се составен дел на КД, ги достави до работодавецот и со кого го започна процесот на усогласување преку заедничката Комисија за таа намена и истите беа доведени до финална фаза на усогласување како работен материјал. Меѓутоа, работодавецот ја прекина натамошната работа на овие документи од причина непозната за нас.
Ова би било се околу прашањето за споделување на заедничката одговорност.
Во врска со Системот за наградување и мотивирање не е јасно на што се мисли и какво тоа мислење треба да достави Синдикатот до 02.11.2002 година, кога Вашиот допис ни беше доставен на 31.10.2002 година, а седницата на Одборот на Синдикатот се одржа на 01.11.2002 година.
6. Во врска со прашањето за формирањето на Комисијата од член 168 немаме коментар и го сметаме за затворено.
7. Во врска со прашањето околу информирањето на вработените, Вашиот предлог го сметаме за доста конструктивен и прифатлив за нас. Нашата забелешка околу информирањето имаше сосема друга поента и го задржуваме правото да го презентираме тоа на закажаниот состанок.
8. Што се однесува околу Вашето очекување за официјално информирање за одредни аномалии, а кои се на штета на Компанијата би сакале да Ви укажеме да ја проверите правната валидност на Правилникот за организација и Правилникот за систематизација на работни места, а аналогно на тоа и валидноста на решенијата за распоредување на вработените во Компанијата. Ова од причина што нивната невалидност во овој момент би можела да ја доведе Компанијта во многу незавидна положба пред државните органи задолжени за трудовата проблематика, како и судските органи. Напоменуваме дека за ова е укажано од наша страна и од Службата за правни работи во Компанијата до HR , но без конкретни активности и резултати во однос на тоа.
Во однос на нашите укажувања од став 3 точка 1 би сакал да Ви соопштам дека Одборот на Синдикатот посебно расправаше за ова прашање и во прилог на овој допис Ви доставуваме посебна Информација со овој став.
Во врска со став 3 точка 2 од Вашиот допис би сакале да нагласиме повторно дека нашето укажување не беше со намера за оправданоста или неоправданоста на Кодексот како документ со кој работодавецот сака да постави одредени стандарди за етичко и деловно однесување на вработените во функција на градење на етичка работна средина, туку во однос на Изјавата за почитување на Кодексот при што остануваме на ставот дека апсолутно не постои правен основ за нејзино потпишување од страна на вработените, а уште помалку може да биде земена во предвид во евентуална постапка од страна на работодавецот околу непостапување по пропишаните правила на однесување дадени во Кодексот. Ова од причина што начинот на однесувањето или постапката за несоодветното однесување на работникот на работното место е утврдено во Законот за работни односи и КД на Компанијата.
Во врска со став 3 точка 3 Информацијата која ни ја доставивте во Вашиот допис е апсолутно неприфатлива за Синдикатот од истите причини кои ги наведовме во нашиот допис до Вас од 21.10.2002 година. Продолжувањето на постапката за реструктуирање на несуштинските дејности, притоа неземајќи ги во предвид нашите укажувања, може да доведе до активности за заштита на правата на вработените и судско оспорување на овој процес.
На крајот од овој Допис, за кој планиравме да не биде многу опширен (меѓутоа ова е најмалку што можеше да се сублимира), остануваме со одредена дилема, која е предизвикана од Вашиот допис, а тоа е дали Синдикатот и работодавецот на 08.03.2002 година склучија Колективен договор или - Џентлменски договор. За Синдикатот не постои дилема за ова, а за работодавецот - не знаеме.
Скопје 06.11.2002
|
СО на МТ, Претседател Јордан Сандев |